Рони О'Саливен по четврти пат во низа го освои Мастерсот во Шангај

Седумкратниот светски шампион во снукер, Британецот Рони О'Саливен го освои Мастерсот во Шангај, четврти пат по ред. Тој во финалето го совлада актуелниот светски шампион од Белгија Лука Бресел со 11-9.

О'Саливен водеше со 3-1, но Бресел успеа да направи пресврт на 4-3. После тоа светскиот број еден возврати и поведе со 6-4, а Бресел израмни на 7-7. Еден од најдобрите играчи на сите времиња успеа да го одбие налетот на Бресел и со брејк од 143 поени ја зголеми предноста и на крај ја оствари осумнаесеттата последователна победа во Шангај.

Тоа е негов четврти последователен триумф на овој турнир, вкупно петти, по 2009, 2017, 2018 и 2019 година. Мастерсот во Шангај е првиот турнир во Кина од 2019 година, по откажувањето на натпреварувањето поради пандемијата на коронавирус. Освен трофејот, О'Саливен заработи и 210.000 фунти.