О'Саливен во обид да стане вечен: Крусибл е нешто посебно 

Рони О'Саливен, првиот носител и бранител на титулата, ќе игра против Кинезот Панг во првото коло на Светското првенство во снукер во Шефилд.

Легендарниот Англичанец тргнува во потрага по осмиот пехар во легендарниот Крусибл, а доколку го освои ќе осамне на врвот на вечната листа. Тој моментално го дели првото место по бројот на светски круни со Стивен Хендри.

Рони истакна дека оваа година дури осум играчи, меѓу кои и тој, имаат можност да стигнат до самиот крај.

„Марфи, Трамп, Робертсон, Хигинс, Вилијамс, Ален и Динг се одлични играчи. Тешко е да се каже дека има само еден фаворит. Крусибл е нешто посебно и сите ќе бидеме на голем тест, а на крајот има само еден победник“, изјави О'Саливан.

Светското првенство започнува во сабота на 15 април и ќе трае до понеделник 1 мај.