• Горан Упале

Снукер легендата Рони О’Саливен повторно е во центарот на вниманието на спортската јавност, откако даде доста чудна изјава поврзана со спортот кој го игра уште од детските денови.
Шесткратниот светски шампион во снукер ги повика младите да бараат кариера во Формула 1 или голф бидејќи дури и за повеќето потенцијални играчи, снукерот е „потрошен живот“.
„Јас секогаш им велам на родителите да не дозволуваат нивните деца да играат снукер. Им реков на моите деца дека нема да играат снукер. Јас не ја поддржувам таа идеја. Мислам дека тоа е потрошен живот. Има луѓе кои се успешни во снукерот, но од друга страна, мислам дека би биле успешни во што и да се замислат.
Снукерот е тежок спорт - секогаш сте во затворен простор, без природна светлина. Наградите не се доволни за трудот. Зад затворените завеси тренирате со часови, не зборувате со никого. Тоа не е живот. Ако би можел повторно да бирам кој спорт би го играл, би се обидел во Формула 1 или голф“, рече миленикот на публиката, познат и како„ ракета“.
О’Саливен (45) игра како професионалец од 1992 година и оттогаш има освоено 37 рангирани турнири и многумина го сметаат за еден од најголемите играчи на сите времиња.