О'Саливен: Штета што многу порано не научив да уживам во снукер

Рони О'Саливен успешно тргна на патот кон осмата Мастерс титула, со победата од 6-1 во првото коло над Лук Бресел, а по пласманот во второто коло се пошегува со публиката во свој стил.

Големиот шампион заигра пантомима при изјавата, покажувајќи дека навистина не чувствува многу адреналин од трибините на преполната сала.

„Само се шегувам. Беше навистина прекрасно. Кога ќе дојдете овде, 2.000 луѓе очекуваат да играте добро, а тоа ги прави сите малку нервозни. 

На мои години, во оваа фаза од мојата кариера, навистина уживам во секој момент и мислам дека всушност имам добра перспектива и за играта и за животот. Понекогаш можам да кажам дека не ми е гајле, но кога го кажувам тоа, само гледам на сè низ перспективата на животот. Уживав во последните 10, 12 години како никогаш досега. Посакувам да го научев тоа порано“, рече Англичанецот.

Во второто коло „ракетата“ ќе игра против подобриот од дуелот Вилијамс и Гилберт, но на фановите на снукерот ќе им биде ускратено она на што го чекаат две години – дуел со Марк Селби, кој неочекувано беше исфрлен во првата рунда од Вафеи.