• Сашо Поповски
Рони О'Саливен оствари историски успех и се израмни со Стивен Хендри, со седмата светска титула во Шефилд.
Емотивниот шампион на доминантен начин го одигра овогодишниот турнир и заслужено се израдува на победата. По финалето тој пушти солзи, доби прегратки од најблиските, а порача дека никогаш не мисли на рекорди кога се наоѓа на масата.
„Ова беше многу емотивен момент за мене. Едвај чекав да дојде крајот. Џад ми кажа многу убави работи, дури ме изненади со зборовите преку кои ми кажа како се чувствува за мене. Тој е одлично момче и веќе е еден од најдобрите на сите времиња.
Никогаш не сум играл за рекорди. Кога ќе се случат е убава работа. Сакам да се натпреварувам, особено оваа година. Уживав во секој турнир. Сакам да победувам, но тоа не е нешто што ме мачи во животот. Можеби не е добра идеја, но и наредната година планирам да бидам дел од Светското првенство“, порача харизматичниот Англичанец.
Џад Трамп беше достоен противник, кој немаше добар прв ден од финалето. О'Саливен побегна на 12-5 и не погледна назад. Големата борба во полуфиналето против Марк Вилијамс очигледно го истроши младиот играч.