Најдобриот на светот го освои осмиот Мастерс: Бев подобар играч кога имав 12 години

Рони О’Саливен е освојувач на Мастерсот што се одржа во Александра Палас во Лондон. Најдобриот снукер играч на светот и за многумина најдобар на сите времиња во финалето надополни негатива од три фрејма (3-6) против Али Картер и го совлада со 10-7 за рекордна осма титула на Мастерсот.

„Да бидам целосно искрен, не знам како го освоив овој турнир. Се обидов да играм без притисок, а Али направи неколку грешки кои ги искористив. Беше агресивен, но промаши неколку топки за кои бев сигурен дека ќе ги удри и така ми даде шанса“, изјави Англичанецот. 

Инаку со овој трофеј О'Саливен со 48 години стана највозрасниот победник на Мастерсот во Лондон, а по освојувањето на турнирот, ги насмеа сите велејќи дека бил подобар снукер играч кога имал дванаесет години отколку сега.