• Иван Димовски
Актуелниот првак на Македонија во снукер, Берат Јашари, победи на вториот турнир од „Алфа Плам Националното првенство“ кој викендов се одигра во Скопје.
Во финалниот меч тој го совлада Петар Панов со 3-0, покажувајќи добра форма и мотивираност во пресрет на претстојните меѓународни настапи. Со втората победа, воедно тој се издвои на врвот на табелата како најсериозен кандидат за титулата во 2023 година.
„Во полуфиналето со Павле Данилов успеав да се вратам откако противникот стекна почетно водство и на крајот да победам со 3:1. Во финалето со Петар Панов имав впечаток дека тој не беше на нивото од првиот ден кога играше убаво во квалификациите и постигнуваше брејк од 70 поени. Мислам дека и финалниот меч траеше покусо отколку полуфиналето, можеби го имаше совладано замор, а обратно од тоа јас подобро играв на вториот ден и тоа навистина ми даде поголема самодоверба во пресрет на настапот на Европско првенство“, изјави Јашари.
Медали за третото место на овој турнир освоија Павле Данилов и Владо Матоски.
Во текот на идниот месец ќе се игра Европското снукер првенство во дисциплината „6 црвени“, а на кое треба да настапи и Берат Јашари, а дополнително Снукер федерацијата во Албена, Бугарија ќе испрати и двајца судии, кои најпрво ќе ја завршат обуката на ЕБСА, а потоа да бидат дел и од турнирот.