Исповед на снукер-легендата: Алкохолот и дрогата за малку ќе ме уништеа!

Легендарниот снукер-играч и седумкратен светски шампион, Рони O'Саливен разговараше со англиските медиуми и изнесе информации кои јавноста порано не ги знаеше, а се осврна и на неговите рани тинејџерски години кога неговиот живот одел по сосема поинаков пат. 

47-годишниот Англичанец изјави дека во детството го изодел најтешкиот и најмрачниот пат од животот, а имал и периоди кога комплетно се препуштил на пороците и консумирал дрога и алкохол. 

„Чувствувам огромна празнина од тоа време. Во младоста изгубив цели шест-седум години консумирајќи алкохол и наркотици. Пиев секој ден, пушев канабис, а неретко знаев да посегнам и по синтетичките дроги. Бев во скоро безизлезна ситуација, но успеав да го вратам животот во нормала. Следуваше период на четиригодишна рехабилитација и мојот живот немаше допирна точка со снукерот.

Не бев фокусиран на најважното и многу ми е жал поради тоа. Не вежбав многу, а и во главата имав проблем, сметав дека нема да бидам доволно добар“, изјави легендарниот О'Саливен. 

Неодамна Рони О'Саливен доживеа пораз во четвртфиналето од Светскиот шампионат, а подобар од него беше Белгиецот Лука Бресел. Последниот трофеј го освои во 2022 година, а во својата кариера дури седум пати беше освојувач на Светскиот шампионат и тој е најдобар снукер-играч на сите времиња.