ВИДЕО: Прв триумф во кариерата за Пашке, Германецот најдобар во Енгелберг

Германскиот ски-скокач, Пијус Пашке, стигна до првата победа во кариерата откако триумфираше на скокалницата во швајцарскиот Енгелберг. 

Ова за Германецот беше само втор подиум во кариерата, а до победата дојде со два идентични скока од по 135 метри, со што освои вкупно 316 поени. Второто место му припадна на Мариус Линдвик, кој имаше подолг скок од Пашке, но „собра“ 1,7 поен помалку, а третопласиран беше Австриецот Штефан Крафт со скокови од 131 и 132,5 метри. 

Токму Крафт е водечки во генералниот пласман со 560 бодови, втор на листата е Германецот Андреас Велингер со 402 бода, додека трет во моментов е неговиот сонародник Пашке, кој има 383 освоени бодови. 

Овој викенд се одржуваат уште три настани од Светскиот Куп, а потоа скокачите ќе се подготвуваат за традиционалната новогодишна турнеа, „четири скокалници“, која се одржува во Германија и Австрија.