• Мартин Танасковски
Американската скијачка Микаела Шифрин ја продлабочи легендата во овој спорт откако победи на слаломот што во рамки на Светскиот куп се одржа во Сестриере, Италија.
Со оваа победа Шифрин го забележа 100. триумф во Светскиот куп и 63. во слалом, во кој го држи рекордот за најмногу победи и го израмни и рекордот на Швеѓанецот Ингемар Стенмарк по број на пласмани на подиумот (155) во двете конкуренции.
Шифрин победи со време 1:50.33 минути, додека второто место го зазеде хрватската скијачка Зринка Љутиќ со заостанување од 0,61 секунди. Американката Пола Молкан беше трета со заостанување од 0,64 секунди.
Водечка во генералниот пласман и натаму е Италијанката Федерика Брињоне со 999 бодови, 190 повеќе од второпласираната Швајцарка Лара Гут-Бехрами. Љутиќ е трета со 753 бодови, додека Шифрин е на 15. место со 377 бодови.
Во пласманот во слалом, пак, Љутиќ е прва со 489 бодови, 39 повеќе од второпласираната Швајцарка Камила Раст, додека Шифрин е шеста со 326 бодови.
Светскиот куп продолжува во петок, со спуст во Квитфјел, Норвешка.