Бугарин и Косовка победници на 41. издание на Шарпланинскиот Куп

Успешно заврши 41-то издание на легендарниот Шарпланински куп! Попова Шапка беше центарот на скијачките возбудувања на Балканот. Со врвни натпревари, импресивни настапи и несекојдневна атмосфера, настанот заврши на најдобар можен начин – со возбуда, спортски дух и многу адреналин.

На снежните падини на Шара, во динамичните слаломски трки, 37 учесници од девет различни држави се натпреваруваа за престижниот пехар, носејќи неизмерна енергија и страст кон спортот. Овој куп не е само натпревар – тој е симбол на традиција, посветеност и љубов кон скијањето.

На церемонијалното затворање, освен скијачката елита, присуствуваа и претставници од Министерството за спорт, Собранието и Општина Тетово, поддржувачи на настанот, како и љубители на зимските спортови, кои имаа чест да ги прослават успесите на најдобрите натпреварувачи.

„По 12 години пауза, со голема гордост го вративме најстариот меѓународен скијачки натпревар на Балканот – реномираниот Шарпланински куп. Овие два натпреварувачки дена донесоа возбудливи трки, одлични натпреварувачи од целиот регион и незаборавно спортско дружење. Неизмерна благодарност до сите спортски клубови, спортски работници и поддржувачи за нивната помош и придонес кон реализацијата на овој куп. Македонија уште еднаш докажа дека има капацитет да организира настан од ваков ранг, а ова е само почеток – со голема посветеност ја продолжуваме традицијата на Шарпланинскиот куп.“, изјави Дејан Пановски, претседател на СФМ.

  • Победници на 41-от Шарпланински куп

Категорија жени:
Дева Лирика - Косово
Паул Миа - Бугарија
Милевска Ева - Македонија / Папуци Арба - Косово

Категорија мажи:
Стоилов Константин - Бугарија
Главчев Иван - Бугарија
Лазарески Мирко - Македонија / Семерџиев Марко - Бугарија