Брињоне: Ниту јас, а ниту лекарите не знаат кога ќе можам повторно да скијам

Освојувачката на Светскиот Куп, италијанската скијачка Федерика Брињоне, изјави дека дефинитивно нема да се врати на скијањето во следните четири или пет месеци бидејќи закрепнува од операцијата на ногата.

На почетокот на месецот Брињоне се здоби со двојна скршеница на левата нога и ги скина предните вкрстени лигаменти на коленото.

„Не знам кога ќе можам да се вратам на скии. Не знаат ниту лекарите. Сè ќе зависи од тоа како ќе помине рехабилитацијата, како ќе закрепнувам. Тоа да го направам за четири или пет месеци е невозможно", рече Брињоне.

Брињоне оваа сезона победи на десет трки од Светскиот Куп, пет во велеслалом, три во супер-џи и две во спуст. Таа го освои вториот Голем кристален глобус во кариерата, по 2020 година.