Брињоне и со вирус најдобра на велеслаломот во родниот град

Доминацијата на Федерика Брињоне во скијањето продолжува. И покрај проблемите со вирусот што ја мачеше во последните денови, искусната Италијанка со доминантно возење успеа да победи на велеслаломот во Светскиот Куп.

Италијанката оствари триумф во родниот град Сестриере за вкупно време од 2:12:69 минути и заврши пред Алис Робинсон, која заостана 40 стотинки, иако беше на првото место по првото возење. Tретото место на подиумот во италијанскиот град го комплетира Теа Луис Стјернесунд од Норвешка.

Робинсон ја задржа водечката позиција во женскиот поредок во велеслалом со 380 поени, следена од Швеѓанката Сара Хектор со 341 и Брињоне на третото место со 300 поени.

Во генералниот пласман на Светскиот Куп, лидерката Брињоне сега има 899 бодови, Швајцарката Лара Гут-Бехрами остана на 729 бодови, додека Зринка Љутиќ е третопласирана со 651 бодови.