Сноубордистите Ристовски и Ристовска дебитираа на Европскиот олимписки младински фестивал

Македонските сноубордисти Евгениј Ристовски и Ангела Ристовска денес го имаа својот деби настап во сноуборд дисциплината „slopstyle“ на Европскиот олимписки младински фестивал во Бакуриани, Грузија. 

Ристовски  во конкуренција од 34 врвни млади натпреварувачи, тој го освои 32. место, стекнувајќи непроценливо искуство на меѓународната сцена.  

За македонските спортисти, учеството на вакви натпреварувања е голем предизвик, но Евгениј докажа дека со труд, страст и посветеност може да се направат значајни чекори напред. И покрај ограничените услови за тренинг, тој даде сѐ од себе и успешно ја претстави Македонија на ова престижно спортско случување. Овој настап е само почеток за Евгениј, кој продолжува да се развива и да собира драгоцено искуство. 

Ристовска пак во нејзината дисциплина се натпреваруваше со 25 учеснички, завршувајќи на 22. место.  Ангела покажа голема посветеност и борбен дух. Нејзината подготовка се одвиваше во услови со ограничени ресурси, но нејзината страст кон спортот и напорната работа ѝ овозможија да се натпреварува рамо до рамо со најдобрите млади сноубордерки во Европа.   

Следниот настап на Ангела е во петок, каде што ќе има нова можност да го покаже својот талент и напредок на меѓународната сцена.