• Саше Љолес
Австрискиот ски-скокач, Штефан Крафт, е нов светски шампион откако триумфираше на летовите кои денес се одржаа на негов домашен терен, на скокалницата во Кулм.
Крафт стигна до титулата во драматичен финиш, надминувајќи го учинокот на Германецот Андреас Велингер, а третопласиран беше Словенецот Тими Зајц, кој водеше после првата етапа. Ветерот малку ги отежна денешните скокови и се одржаа само три рунди, а решавачка беше последната, кога Крафт прескокна 228 метри. Велингер „прелета“ еден метар повеќе, но Крафт имаше доволна залиха и на крајот заслужено се радуваше на триумфот.
Во екипна конкуренција, титулата ѝ припадна на репрезентацијата на Словенија, составена од Ловро Кос, Петер Превц, Домен Превц и Тими Зајц. „Змајчеки“ на крајот имаа 26,5 бодови повеќе од второпласираната Австрија, а Германија финишираше како третопласирана во генералниот пласман.