Невидена драма на Новогодишната турнеја: Чофениг го освои „Златниот орел“

Со скоковите во Бишохофен заврши 73. издание на новогодишната турнеја „Четири скокалници“, а до титулата стигна 22-годишниот австриски натпреварувач Даниел Чофениг.

Чофениг на тој начин го прекина десетгодишниот пост на Австријците кои го чекаа „Златниот орел“. Штефан Крафт беше последниот Австриец кој победи на новогодишната турнеја во 2015 година.

Во Бишохофен, Чофениг дојде до победата со скокови од 136 и 140,5 метри за вкупно 308,6 поени и заврши пред сонародниците Јан Херл и Штефан Крафт кои имаа 306,5 и 303,2 поени.

За прв пат во 73-те години од Новогодишната турнеја се случи пред последниот настан дури три скокачи да бидат на еден метар разлика.