Легендарниот скокач на 42 години се подготвува за својата 25-та новогодишна турнеја!

Швајцарскиот ски-скокач Симон Аман (42) ќе ја запише својата 25-та новогодишна турнеја, бидејќи се наоѓа на репрезентативниот список објавен од Швајцарската скијачка асоцијација.

Четирикратниот олимписки шампион од 2002 и 2010 година ќе биде на скијачките скокалници во Оберстдорф, Гармиш-Партенкирхен, Инсбрук и Бишофсхофен во тим со Грегор Дешванден, Килијан Пејер и дваесетгодишниот Ремо Имхоф. 

Многумина очекуваа дека минатогодишната олимписка сезона ќе биде последна за Аман, но тој повторно беше вклучен во националниот тим во пресрет на новата сезона.

Светски првак стана во 2007 година во Сапоро, има 23 индивидуални победи во Светскиот Куп и 80 пати бил на подиумот. Во својата кариера нема трофеј од Новогодишната турнеја, но има победи во Оберстдорф во 2008 и 2013 година и Гармиш во 2011 година. Во 2015 година, тој претрпе незгоден пад во Бишофсхофен и итно беше префрлен во болница.