• Саше Љолес
Светската легенда на скијачките скокови, Нориаки Касаи, одново ја одушеви јавноста со својот настап во јапонскиот ски-центар, Сапоро. 51-годишниот Касаи ги мина квалификациите и се пласираше во главната битка за пласман, по што домашната публика го награди со стоечки овации.
Јапонецот беше на 45. место во квалификациите и тоа беше сосема доволно за него да се најде меѓу најдобрите скокачи, кои в сабота ќе ги одмерат силите на трката која влегува во рамките на Светскиот куп. Интересно е тоа што славниот Касаи на оваа скокалница дебитираше пред дури 35 години, но сѐ уште е активен и покажува дека годините за него се само бројка.
Нориаки Касаи важи за жива легенда на овој зимски спорт. Јапонскиот скокач е еден од најславните во историјата, а своевремено беше дел од исклучително силната репрезентација, во која членуваа Масахико Харада и Казијоши Фунаки. Во својата богата кариера беше светски шампион во 1992 година, а има и сребрен медал од Олимписките игри кои се одржаа во 2014 година во рускиот Сочи.