• Зоран Мишевски
И по новогодишната турнеја „Четири скокалници“ продолжува доминацијата на Австриецот Штефан Крафт. Тој остана лидер во генералниот пласман за Светскиот Куп во ски-скокови и ја зголеми предноста пред конкурентите.
Крафт ја забележа единаесеттата победа оваа сезона, вкупно 41-ва во карерата, откако вчера славеше во норвешкиот зимски скијачки центар Холменколен.
Крафт скокна 132,0 и 133,0 метри, со што си обезбеди вкупно 255,0 поени. Норвежанецот Кристофер Ериксен Сундал го освои второто место со 8,8 поени помалку, односно скокови од 127,5 и 131,0 метри, а трет заврши Австриецот Јан Херл со 242,5 поени (127,5 и 129,5 метри).
Крафт во генералниот пласман за Светскиот Куп сега има 1.678 поени, 296 повеќе од Јапонецот Рјоју Кобајаши, кој имаше лош скок во првата серија во Норвешка и остана без бодови.