• Зоран Мишевски
Новогодишната турнеја во скијачки скокови, „Четири скокалници“, оваа година ќе се памети по супер-драматичен финиш и победа на скокач кој не триумфираше на ниту една од четирите скокалници. Имено, Јапонецот Рјоју Кобајаши со второто место во Бишоскофен стигна до победа на новогодишната турнеја.
Лошото врме и снегот денес им создадоа многу проблеми на натпреварувачите, а домашниот скокач, Австриецот Штефан Крафт со скок од 140 метри во втората серија и вкупно 288,9 поени победи во Бишоскофен. Кобајаши беше втор со втор скок од 139 метри и вкупно 287,6 поени. Словенецот Ланишек имаше најдолг скок од 141 метар, но тој му донесе само третото место и на денешното натпреварување и во севкупниот пласман.
Oва е трета победа на Кобајаши на новогодишната турнеја, прва извојувана без ниту една победа. Најуспешен натпреварувач во историјата на Новогодишната турнеја е легендарниот Јане Ахонен, која пет пати успеа да биде севкупен победник, а само Свен Ханавалд, Камил Стох и Рјоју Кобајаши успеаја да победат на сите четири скокалници.