Започна Светското првенство во шах за визуелно хендикепирани лица во Охрид

Претседателот на Македонија, Стево Пендаровски, со писмо на поддршка, преведено на Брајова азбука, ги поздрави учесниците на Светското првенство во шах за слепи и визуелно хендикепирани лица кое се одржува во Охрид.

 „Им посакувам успех на сите учесници на Светското екипно првенство во шах за слепи и визуелно хендикепирани лица, што се одржува во Охрид. Шахот претставува своевиден симбол за животот, за животните борби и искушенија. И во животната реалност покрај ограничувањата и препреките, ништо не може да ја спречи волјата, мотивацијата, храброста. Дозволете да го пренесам мојот восхит на начинот на кој се справувате со животните искушенија и на страста и посветеноста на шахот. Во знак на мојата искрена поддршка, писмото упатено до вас, во соработка со Филозофскиот факултет го преведовме на Брајова азбука“, порача претседателот Пендаровски во честитката.

Ќе настапат шеснаесет репрезентации со вкупно 78 шахисти (еден велемајстор, пет интернационални велемајстори, еден женски интернационален мајстор, четири ФИДЕ-мајстори и двајца кандидат-мајстори). Се играат седум кола (на по четири табли, со временско темпо од 120 минути за цела партија).

Во „жолтата“ група се Полска, Романија, Украина, Унгарија, Бугарија, Словенија, Франција и Косово, а во „црвената“ група се Македонија, Србија, Германија, Шпанија, Индија, Италија, Израел и Хрватска. Најдобрите две селекции од двете групи ќе се пласираат во полуфиналето. Прворангирана пред турнирот е Полска (2.234 просечен рејтинг), Македонија е 13-та (1.929), прворангиран шахист е шпанскиот интернационален мајстор Едуардо Пулвет (2.523), а македонски шахист е Жарко Селковски (1.991) на 31. место.

Состав на македонската репрезентација: 
Жарко Селковски 1.996
Миле Чапанов 1.951
Зоран Костадиновски 1.914
Санде Атанасов 1.853
Блаже Атанасовски 1.775
Трајче Димов 1.691
Селектор: ВМ Трајко Недев