Започна ЕП во забрзан и брз шах во Скопје

Денес во Скопје започна 31-от Европски поединечен шампионат (ЕП) во забрзан и во брз шах. Пријавени се 290 шахисти од 38 земји, а организацијата им е доверена на ШК Гамбит Асеко СЕЕ и ШФМ, а поддржан е од Европската шаховска унија (ЕЦУ).

Наградниот фонд е 12.050 евра на шампионатот во забрзан шах и 21.950 евра за брз шах. И во двете конкуренции прворангиран е рускиот велемајстор Владислав Артемиев.

Македонија ќе ја претставуваат преку 40 шахисти, а наш најголем адут е велемајсторот Кирил Георгиев, кој е рангиран седми во забрзан, односно 20-ти во брз шах.

Русинот Максим Вавулин во забрзан и Белорусинот Сергеј Жигалко во брз шах ги бранат титулите од минатата година.