Велемајсторот Роландо Кутиров одигра симултанка со шаховските вљубеници во Крива Паланка

На иницијатива на Oпштина Крива Паланка и градоначалникот Борјанчо Мицевски, љубители на шаховската игра во овој град денес имаа задоволство и несекојдневна можност да разменат потези, мислења и искуства со еден од најдобрите македонски шахисти, актуелен селектор на шаховската репрезентација на Македонија, велемајсторот Роландо Кутиров.

Во симултанка против еден од нашите велемајстори силите ги одмерија голем број вљубеници на шахот од Крива Паланка. Најмлад учесник на натпреварот беше 11-годишниот Ѓорѓи Цветковски, а највозрасен натпреварувач е Ефто Ангеловски со 83 години.

„Ме радува дека општина Крива Паланка е организатор на овој симултан натпревар, бидејќи шахот е основа на менталната снага и долгорочната концентрација, а тоа ни е потребно на сите нас пред предизвиците на ова модерно време. Се надевам дека и во иднина ќе имаме вакви средби каде и младите кривопаланчани уште подобро ќе играат шах, а ние возрасните ќе им се восхитуваме“, изјави на крајот од натпреварот, велемајсторот Кутиров.

Градоначалникот Борјанчо Мицевски, на сите натпреварувачи им врачи благодарници за учество во симултаниот натпревар, а на велемејасторот Роландо Кутуров му подари плакета со грбот на Општина Крива Паланка и изрази големо задоволство и благодарност до него и сите присутни, кои ја поддржаа идејата за возобновување на шахот во овој град.