• Мартин Танасковски
Узбекистанскиот шахист Јавохир Синдаров испиша нова страница во историјата на овој спорт откако на само деветнаесет години успеа да стане најмладиот светски првак, триумфирајќи над кинескиот велемајстор Веи Ји во драматичен расплет на завршницата во Гоа, Индија.
По двете партии во класичен формат кои завршија без победник, финалето доби нервозна и психолошки неисцрпувачка димензија во брзопотезниот дел, каде што младата надеж од Узбекистан ја покажа својата смиреност и неверојатна приспособливост. Во вториот тај-брејк, Синдаров успеа да го казни несигурното ракување со времето кај Веи, кој неколкупати беше принуден со последната секунда на часовникот да го активира бонусот од десет секунди. Таквата нестабилност во завршницата, иако Кинезот во одредени моменти имаше подобра позиција на таблата, се покажа како пресудна. Во еден од тие обиди да го стабилизира темпото, Веи направи груба грешка која му овозможи на својот ривал да го запечати историскиот успех и да го освои чекот од 120.000 долари.
Овој подвиг не само што го внесе Синдаров во елитниот круг на светски прваци, туку му го обезбеди и местото на престижниот турнир на кандидати, кој ќе се одржи од 28 март до 16 април 2026 година. Заедно со него таму ќе настапат и финалистот Веи Ји, како и Русинот Андреј Есипенко, кој го освои третото место. Тие тројца ќе им се придружат на Холанѓанецот Аниш Гири, Германецот Матијас Блубаум, како и на победникот на ФИДЕ циклусот од 2024 година, американскиот велемајстор Фабијано Каруана.
Турнирот на кандидати традиционално го претставува најтешкиот филтер во шахот, бидејќи победникот го добива правото да го предизвика актуелниот светски шампион Гукеш Домараџу во мечот за титулата, кој ќе се одржи во 2026 година. Местото и точниот термин на дуелот за светската круна сè уште не се официјално објавени.