• Зоран Мишевски

Дури седумдесет шахисти од Македонија и Грција зедоа учество на првиот брозпотезен шаховски турнир што го организираше новиот шаховски клуб Штајниц од Битола. Кристалната сала во Офицерскиот дом беше полна со вљубеници во шахот кои се натпреваруваа меѓу себе во шаховските вештини. Меѓу учесниците имаше деца од осум години, па до возрасни лица од околу седумесетина. На сите заедничка им беше љубовта кон шахот.
Претседателот на шаховскиот клуб Штајниц, Пеце Богдановски рече дека ќе се обидат да направат позитивна шаховска приказна во Битола, град кој има шаховска традиција, а главната цел им е да ги поттикнат младите да ја играат оваа спортска дисциплина.
„Овој брзопотезен шаховски турнир истовремено е и промоција на новиот битолски шаховски клуб Штајниц. Мотивот за отворање на шаховскиот клуб е работа со млади кадри. Во рамките на клубот имаме шаховска школа за да се совладаат тајните на шаховската игра од страна на млади и други заинтересирани шахисти. Преку систем на натпревари вложуваме труд уште повеќе да се усовршат во нивната игра“, рече Богдановски.
На турнирот се играше брозопотезен шах по швајцарски систем. од девет кола со темпо на играње од 10 минути и 5 секунди додаток за секој одигран потег.
Финален пласман на турнирот:
1. Тони Лазовски
2. Григориос Вардакас
3 .Матеј Ѕвездаковски
4. Минас Јоанис
Специјална награда за млад шахист доби Марјан Христовски.