Стево Патако од Битола и Фишер од Куманово нови шаховски прволигаши

Екипите на Фишер од Куманово и Стево Патако од Битола се новите прволигаши во домашниот шаховски шампионат. На турнирот во Охрид, битолските и кумановските шахисти забележаа најдобри резултати и заслужено во следната сезона ќе се натпреваруваат во шаховската елита на Македонија. 

Во првата полуфинална група, Стево Патако како второпласиран се избори за финале, откако најдобар на тој турнир беше тимот на Шкупи од Скопје. Во втората група пак, Фишер беше доминантен и заедно со Шкендија од Тетово го продолжија патот во завршницата. 

Во финалниот турнир шахистите од Куманово одново покажаа квалитет и завршија на лидерската позиција, додека пласман во Првата лига обезбедија и битолските шахисти од Стево Патакот, кои завршија на втората позиција, благодарение на победата над директниот конкурент Шкупи.

Така, следната сезона шахистите на Фишер и Стево Патако ќе се натпреваруваат со најдоброто од нашата држава, односно со Алкалоид, Карпош, Гамбит, Прилеп...