„Сребрениот“ Тони Лазов на прием кај Живко Мукаетов

Освојувачот на сребрен медал на шаховската Олимпијада, во Будимпешта, Тони Лазов, беше на прием кај генералниот директор и претседател на УО на Алкалоид, Живко Мукаетов.
24 годишниот Лазов веќе 15 години е дел од шаховскиот клуб Алкалоид. Лазов ги мина сите младински категории и започна да освојува меѓународни шаховски титули, етаблирајќи се како најголема надеж за македонскиот шах. 

Минатата година тој ја освои својата прва велемајсторска норма, а оваа година стана државен првак на Македонија. Неговата кариера е извонреден пример за значењето и за начинот на функционирање на шаховската школа на ШК Алкалоид, во која најдобрите македонски велемајстори им го пренесуваат знаењето на идните генерации.

Компанијата Алкалоид и натаму се држи до својата долгогодишна традиција и посветеност на развојот на спортот во Македонија и продолжува да дава поттик за напредок преку континуирана поддршка за талентираните спортисти. Воспоставената стратегија придонесува за нивно професионално усовршување и за постигнување врвни резултати, а Алкалоид се гордее со постигнатите успеси на своите членови.