ШК Алкалоид со звучни имиња во составот патува на Европскиот Куп

Шаховскиот клуб Алкалоид повторно ќе биде дел од Европскиот Клупски Куп 2019 кој ќе се одржи во Улцињ, Црна Гора.

Клубот оваа година ќе настапи во изменет состав за разлика кога ја освои европската титула во 2016 година. Од претходната година ќе недостасуваат четворица играчи, но, оваа година во составот на екипата е еден од најсилните светски шахисти, велемајсторот од Азербејџан, Шхаријар Мамадјаров, кој настапуваше за тимот во 2007, 2008 и 2009 година.

Боите на Алкалоид продолжуваат да ги бранат и стандардните членови велемајсторите Дмитри Андрејкин (Русија), кој ја предводеше репрезентацијата до злато на тукушто завршеното Европско Екипно Првенство, како и Јуриј Криворучко (Украина). Прв пат за Алкалоид ќе настапи шампионот на САД за 2018 година, велемајсторот Сем Шанкланд, стандарден репрезентативец на својата држава и носител на златен олимписки медал од 2018 година. Втор повратник во екипата е велемајсторот од Русија, Ернесто Инаркиев, европски првак од 2016 година.

Составот на екипата е комплетиран со двајцата најдобри македонски играчи: Трајко Недев и Филип Панчевски. Капитен на екипата е Драгољуб Јаќимовиќ. Со освежен состав, но воедно играчи кои биле дел од овој одличен спортски колектив, Алкалоид ќе продолжи повторно да се бори за европскиот врв.

Редоследот на играчите со конкретен распоред по табли официјално се објавува на самиот почеток на натпреварите. На Европскиот Клупски Куп оваа година се пријавени досега најголем број учесници и тоа 67 екипи во машка и 14 во женска конкуренција. Турнирот ќе се одржи од 10 до 16 ноември.