ШК Алкалоид со победа над директниот конкурент за титулата ја започна борбата за одбрана на тронот

Сениорскиот тим на ШК Алкалоид со убедлива победа од 4 : 2 го отвори својот настап на 32. издание на Екипното првенство на Македонија во шах, кое се игра од 23 јули до 1 август во Струмица.

Триумфот во првото коло е уште позначаен имајќи предвид дека е забележан над еден од директните ривали за титулата, Гамбит Асеко СЕЕ. Изјава на капитенот на екипата, Велемајсторот Влатко Богдановски:

„Мечот беше вистинско дерби, со неизвесна и возбудлива борба. Имаше четири одлучени партии, а и во двете што завршија со реми имаше динамична игра. Во втората половина од мечот дојде до израз севкупниот повисок квалитет на составот на ШК Алкалоид.“

Дури тројца играчи извојуваа победи почнувајќи од ВМ Александар Инѓиќ (2610) на првата табла, кој го совлада искусниот ВМ Иван Иванишевиќ (2536), а потоа и на последните две табли: ВМ Звонко Станојоски (2392) против ФМ Андреј Велјаноски (2291), како и актуелниот шампион во поединечна конкуренција ИМ Тони Лазов (2369), кој го надигра ФМ Љубиша Андоновски (2258). Со реми завршија партиите меѓу ВМ Велимир Ивиќ (2592) и ВМ Виктор Метвеишен (2555) (интересна борба со позициона жртва на кралица за топ и ловец) и ИМ Дејан Стојановски и ИМ Емил Ристески (борба меѓу двајца активни професионални шаховски играчи, при што Ристески се обиде да изненади со изборот на шаховското отворање – Англиска партија, но Дејан Стојановски одлично парираше со црните фигури).

Поради повлекувањето на ШК Стево Патако, во Првата лига играат девет клуба. На другите мечеви од првото коло беа постигнати следниве резултати: ШК Штајниц – ШК Прилеп 2 : 4, ШК Пелагон – ШК Куманово 1 2 : 4 и ШК Шкупи – ШК Гостивар 2,5 : 3,5. Слободен беше тимот на Анпасан СЕС.

Машкиот тим на фармацевтите е во победничка серија и веќе 11 години во низа се наоѓа на највисокото место во македонскиот шах, со вкупно 25 титули освоени досега, што го прави најуспешен спортски колектив.

И женскиот тим на ШК Алкалоид ја брани титулата освоена минатата година, при што во првото коло извојува победа од 3 : 1 над ШК Неготино. На првите две табли партиите завршија со поделба на поенот по исклучително долга борба, додека, пак, ЖФМ Моника Стојковска (2.034) победи на третата табла против Гордана Чокрева (1.852), а на четвртата табла актуелната шампионка во поединечна конкуренција ЖИМ Габриела Коскоска (2.007) славеше против Теодора Велева (1.539).

На другите мечеви: ГШК Куманово 1 – ШК Шах Шех 3 : 1, МШК Центар – Пелагон 4 : 0 и ШК Капабланка – ШК Гамбит 1,5 : 2,5.

На машкиот турнир, поради непарниот број екипи учеснички во второто коло, ШК Алкалоид ќе биде слободен, додека, пак, на првенството во женска конкуренција фармацевтките ќе играат со ШК Капабланка.