ШК „Алкалоид“ ги започна подготовките за Европскиот Клупски Куп

ШК Алкалоид со освоениот пехар

Минатогодишниот европски вицешампион, шаховскиот клуб „Алкалоид“, ги започна подготовките за најсилното клупско шаховско натпреварување – Европски Клупски Куп.

Предизвикот за екипата е да се надмине второто место од минатата сезона, во која клубот се закити со 5 медали за индивидуални резултати по табли (4 златни и еден сребрен). Претходно, шахистите на „Алкалоид“ ќе настапат на екипниот шампионат на Македонија во Струга (11 до 27 август) на кој ја бркаат седмата титула во низа, односно 21. во својата историја.

Покрај најдобрите македонски шахисти, стандардни членови на клубот, ВМ Трајко Недев, ИМ Филип Панчевски, ВМ Звонко Станојоски, ИМ Дејан Стојановски, ВМ Драгољуб Јаќимовиќ и ВМ Влатко Богдановски, дел на екипата се и четворицата велемајстори од светскиот врв.

Дмитриј Јаковенко - член на Руската шаховска репрезентација; Европски шампион за 2012 година; Светски јуниорски првак до 18 години во 2001 година; Првак на Европскиот екипен шампионат за 2007 година и носител на сребрен олимписки медал за 2012 година, два пати златен медал за индивидуален резултат на Олимпијада (2008 и 2012), три пати член на шампионска екипа на Европски Клупски Куп (2005, 2006, 2016). На ЕКК 2016, играше на четврта табла при што освои 3,5 поени од 6 партии. На ЕКК 2017, играше на петтата табла и со 5,5 поени од 7 партии освои златен медал за индивидуален резултат.

Јуриј Криворучко – стандарден член на Украинската шаховска репрезентација која освои сребрен медал на Олимпијадата 2016 година; Шампион на Украина за 2013 година и континуирано член на ШК „Алкалоид“ во последниве 7 години. Секогаш максимално мотивиран кога настапува за екипата на „Алкалоид“, во 2015 година освои бронзен медал за индивидуален резултат на Европскиот Клупски Куп, во 2016 година освои 5 поени од 7 партии,  и повторно во 2017 година со 6 поени од 7 партии освои златен медал.

Дмитриј Андрејкин – Светски јуниорски првак за 2010 година и Шампион на Русија за 2012 година, три пати член на шампионска екипа на Европски Клупски Куп (2009, 2010, 2016), три пати (2008, 2012, 2015) златен медал за индивидуален резултат на Европски Клупски Куп. На ЕКК 2016, играше на втора/ дел од партиите и на прва табла при што освои значајни 4,5 поени од 7 партии, без пораз! Во 2017 година настапи на третата табла и со 5,5 поени (без пораз) од 7 партии освои златен медал.

Павел Елјанов – стандарден член на Украинската шаховска репрезентација со која има освоено две олимписки злата и сребро во 2016; во 2015 година на Светскиот Куп низ систем на меѓусебни елиминации од 128 учесници на стартот стигна до полуфинале, во кое беше поразен од победникот на турнирот, три пати член на шампионска екипа на Европски Клупски Куп (2009, 2010 и 2016). Со својата сигурна игра, како еден од најуспешните, на ЕКК 2016 освои бронзен медал за индивидуален резултат на трета/ делумно и втора табла (4,6 поени од 6 партии).

Европскиот Клупски Куп оваа година ќе се одржи во октомври во Порто Карас, Грција.