• Горан Упале
Српскиот велемајстор Александар Инѓиќ, кој од 2022 година настапува и за најуспешниот клуб во историјата на македонскиот шах, Алкалоид, ја понесе титулата европски шампион во индивидуална конкуренција.
Европското првенство се играше во Петровац, Црна Гора, при што Инѓиќ стартуваше како 33-рангиран играч според рејтингот од 2.623 поени, а на патот кон европскиот трон победи во седум партии и дополнително ремизираше во уште четири. Притоа, тој го совлада прворангираниот велемајстор Владимир Федосеев (2.712) и ремизираше со второрангираниот Богдан Даниел Деац (2.687).
Со вкупно 9 поени од 11 партии тој се најде сам на врвот, додека 19-годишниот ВМ Даниел Дарда (2.606) од Белгија го освои второто место со 8,5 бода, при што обајцата се сретнаа во последното коло и одиграа реми.
На овој успех на Инѓиќ претходеше настапот со ШК Алкалоид на Европскиот клубски куп, каде што го освоија второто место меѓу 80 најдобри шаховски колективи од Стариот континент. Инѓиќ имаше одлична сезона при што стана и државен првак во Србија, а во македонското екипно првенство играјќи на првата табла за „фармацевтите“ учествуваше во обезбедувањето на екипната титула, заедно со ВМ Велимир Ивиќ, кој на европското првенство исто така имаше забележителен настап и со 8 бода се најде во групата играчи кои беа на делба на третото место.