Рускиот шах повлече нога: Се сели од Европската во Азиската федерација

Најавите за преселби на руските клубови и федерации од европските во азиските федерации веќе е реалност. Шаховската федерација на Русија објави дека од мај веќе нема да биде европска членка и ќе му се приклучи на Азискиот шаховски сојуз.

Оваа одлука, која доби одобрување на азискиот шаховски самит во Абу Даби, доаѓа во време кога неколку руски спортски федерации, вклучувајќи ја и фудбалската, исто така размислуваат за напуштање на Европа.

„Ова е историски настан. Прв пат една шаховска федерација, една од најсилните во светот, се пресели од еден на друг континент“, изјави синоќа првиот човек на рускиот шах Андреј Филатов.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ги поздрави „многу добрите вести за нашите шахисти и нашиот сојуз“ што на руските спортисти ќе им овозможи настап на „големите меѓународни натпреварувања“.

Руската шаховска федерација прецизираше дека оваа мерка стапува на сила на први мај.