Руска доминација во Струга, Алкалоид деветти, одличен пласман и за шахистите на Прилеп

Доминација на руските шаховски тимови на Европскиот клупски Куп во Струга. По завршувањето на последниот ден познати се победниците на овој турнир, односно новите европски шампиони. Во машка конкуренција пехарот го подигнаа шахистите на Медни Всадник, додека во женска победник беше тимот на Јужен Урал.

Руските шахисти кои на овој турнир пристигнаа како втори носители, до посакуваното злато стигнаа со 13 осовени бода, еден повеќе од второпласираниот тим на Нови Бор од Чешка, додека бронзата заврши во рацете на азербејџански Вугар Гашимов (11 бода). За Медни Всадник настапија велемајсторите Петер Свидлер (2.701), Андреј Есипенко (2.720), Владимир Федосеев (2.708), Кирил Алексенко (2.693), Максим Матлаков (2.683), Павел Понкратов (2.657), Константин Сакаев (2.595) и Алексеј Гоганов (2.559).

Од македонските тимови најдоброрангиран заврши нашиот шампион Алкалоид, на деветтото место со девет бода, Прилеп освои осум бода и се пласира на 14-тата позиција, Гамбит Асеко СЕЕ на 23-то, додека Гостивар на 32-то место.

Кај дамите со максимални седум победи, односно 14 екипни бода, славеше треторангираниот на Европскиот клупски Куп, руски Јужен Урал, на второто место заврши Монте Карло со 11 бода, а трет украински ГРЕКО. Најдобар настап од македонските тимови имаше Куманово, кој застана на петтото место, додека женскиот тим на Алкалоид освои бодови за седмата позиција.