Рекорден број учесници на отворениот турнир во забрзан шах Алкалоид 2018

Оваа сабота традиционално ќе се одржи отворениот меѓународен шаховски турнир во рапид темпо Алкалоид 2018, кој за првпат може да се пофали со бројка од 200 натпреварувачи. 

На турнирот, своето учество досега го пријавиле рекорден број, односно 200  учесници од пет држави, а меѓу истите дури 42-ца се со меѓународни титули. Хрватскиот велемајстор, Анте Шариќ е прворангиран шахист на овој турнирот, а свое учество ќе имаат и најдобрите македонски шахисти - интернационалните мајстори Филип Панчевски и Дејан Стојановски, велемајсторите Трајко Недев, Звонко Станојоски, Влатко Богдановски и Драгољуб Јаќимовиќ,  како и голем број млади шахисти, вклучувајќи ги најмладите репрезентативци ФИДЕ мајсторите Никола Николовски и Тони Лазов. 

Турнирот се одржува во хотелот „Континентал“ во Скопје, а истиот ќе започна од 10.00 часот. Вкупниот награден фонд изнесува 130.000 денари, што е поголем од ланската година. Милош Перуновиќ од Србија е бранител на титулата, додека на ланскиот турнир најдобар наш шахист беше Филип Панчевски, кој заврши на третата позиција.