ПСУ „Јахја Кемал“ - јуниор против ШК Гамбит Ассеко-СЕЕ успешно создаваат шаховски бисери

ПСУ „Јахја Кемал“ - јуниор и шаховскиот клуб Гамбит Ассеко-СЕЕ од Скопје ремизираа во пријателски шаховски дуел. Иако навидум не личи така, шахот како и сите други спортови носи голема возбуда, неизвесност за време на партијата, радост по победа и тага по пораз. Меѓутоа за разлика од другите спортови шахот има големо влијание во развојниот и образовниот процес кај децата. Преку шахот децата учат поразот да го претворат во лекција, а да бидат достоинствени во победата.

Со изучување и применување на шаховската игра децата развиваат значајни способности кои ќе им бидат од полза во текот на целиот живот, како на пример: логичко размислување, меморија, зголемување на концентрација, зголемување на IQ, работна навика, независнот, развој на имагинација, итн. Во големата руска енциклопедија шахот е дефиниран како „Уметност во форма на игра“. Шахистите имаат високо развиена така наречена фотографска меморија, секоја шаховска позиција е одредена слика. На еден искусен шахист доволни му се шест секунди да ја погледне позицијата и да биде во состојба да ја репродуцира истата. Филозофите се согласни во едно „чудо од дете“ се појавува во три области: музика (Моцарт), математика (Паскал) и шах (Капабланка). 

„Во 2013 година почнува соработката помеѓу шаховскиот клуб Гамбит Ассеко-СЕЕ од Скопје и ПСУ „Јахја Кемал“ - јуниор. Од 2017 година започнувам со работа како наставник по шах. Од таа година шахот станува задолжителен предмет за учениците од 1 до 3 одделение и изборен предмет за учениците од  4 до 6 одделение. Хронолошки доаѓаме до 2020 година каде на штотуку завршеното првенство на Македнија за млади шахисти во категории од 8 до 18 години учениците од Јахја Кемал ги постигнаа следниве резултати: Емил Ристески првак на Македонија до 16 години, Андреј Велјаноски втор во истата категорија, Михаела Зрмановска првакиња на Македонија до 14 години за девојчиња , Инџи Ајрадиноска втора во истата категорија, Антон Златков првак на Македонија до 14 година кај момчињата, Андреи Калин првак на Македонија до 12 години, Делфина Огњановска трета до 12 години,  Александар Спасов втор до 10 години.

Другата страна, многу поважаната е следната: сите деца во ПСУ „Јахја Кемал“ - јуниор знаат да играат шах. Позитивните реакции на родителите и наставниците се очигледни, но најважни за мене се реакциите на децата. Сите деца го засакаа шахот, со нетрпение го очекуваат часот каде преку игра ги совладуваме сите придобивки кои со себе ги носи оваа вонвременска игра“, “, вели професорот и шаховски тренер Орце Данчевски.

Во светот се направени голем број на студии кои ги докажуваат придобивките од вклучување на шахот во образовниот процес и позитивното влијание врз децата. Во поновата историја земји како Соединетите Американски Држави, Канада, Кина и Индија го вклучија шахот во образовниот процес, додека Русија го направи истото пред повеќе од педесетина години. По препорака на Европската Унија шахот е вклучен во образовниот процес во земјите членки на унијата во 2011 година. Во Македонија шахот се изучува во склоп на предметот физичко образование во шесто одделение.