Прекинатиот турнир на кандидатите одложен за следната пролет

Светската шаховска федерација (ФИДЕ) го одложи продолжението на Турнирот на кандидатите за предизвикувач на светскиот првак, за пролетните месеци во 2021 година. Турнирот беше закажан за први ноември. ФИДЕ беше подготвена да обезбеди специјални аранжмани за патувања и за престој, чартер-летови и хотел изолиран од преостанатата средина. Сепак, се реши да не ризикува и турнирот е одложен.

Турнирот, кој почна во рускиот град Екатеринбург, беше прекинат при крајот на март поради ковид-19. До седмото коло во водство беа Максим Вашер-Лаграв и Јан Непомнијашчи со по 4,5 поени, пред Фабијано Каруана, Аниш Гири, Хао Ванг и Александар Гришчук по 3,5 поени.

Треба да се одигруваат уште седум кола, бидејќи според однапред планираниот систем ќе се играат 14 кола.