Познат составот на македонските репрезентации на ЕП во шах во Грузија

Дефиниран е составот на македонските шаховски репрезентации за Европското првенство во шах, кое утре почнува во Батуми (Грузија). Велемајсторите Кирил Георгиев и Трајко Недев, интернационалните мајстори Филип Панчевски и Никола Николовски и ФИДЕ мајсторот Тони Лазов се наши претставници во машката селекција.

Моника Стојковска, Бојана Бејатовиќ, ЖИМ Габриела Коскоска, Катерина Петровска и Ивана Манова ќе ја претставуваат нашата земја во женска конкуренција. Ова е изборот на селекторите Роландо Кутиров и Влатко Богдановски.

На последното Европско првенство пред две години на Крит учествуваше Дејан Стојановски, а сега на негово место влета Георгиев. Кај девојките ја нема Драгана Николовска, која од лични причини се откажа од настап. 

Наш најдобар пласман на континенталнит собири е 14-то место во Пловдив во 2003 година. Титулите ги бранат Азербејџан кај шахистите и Русија кај шахистките.