Победа и реми на македонските репрезентации на шаховската Олимпијада

Во деветтото коло на 46-тата шаховска Олимпијада, македонската машка шаховска репрезентација ремизираше со Тајван, додека шахистките извојуваа победа над Никарагва.

Антон Златков и Тони Лазов претрпеа порази на првата и втората табла, а цел поен освоија Филип Панчевски и Никола Николовски за конечни 2-2 во дуелот со Тајван. Македонските шахисти се на 64 место со 10 бодови пред утрешното 10 коло во кое ќе се соочат со селекцијата на Нигерија.

На женската Олимпијада, македонската репрезентација ја совлада Никарагва со 3-1 со победите на Ивана Манова, на втората и Катерина Петровска на четвртата табла, додека Моника Жежовска и Сања Трајковска ремизираа.

Македонските шахистки се на 77 место со 10 бодови, а противник во 10 коло ќе им биде Данска.