Неверојатен успех на членот на Прилеп: Шаховското чудо од Индија трет во историјата!

На возраст од 16 години, еден месец и седумнаесет дена, индиското шаховско чудо Домарају Гукеш, кое е член на македонскиот тим на Прилеп, стана третиот најмлад играч во историјата кој постигнал рејтинг од 2.700

Младиот шахист од Индија од минатата сезона ги брани боите на прилепскиот клуб и во последниот период бележи големи успеси.

„Честитки до 16-годишното индиско шаховски чудо Гукеш што стана третиот најмлад играч во историјата што преминал 2700! Прилеп е горд што во своите редови го има ова чудо од дете. Заедно со Гукеш го освоивме четиринаесетто место во Европа, а тој на првата табла на ШК Прилеп освои златен медал. Ден за паметење и историја“, велат од редовите на прилепскиот клуб.

До овој успех помлади од Гукеш стигнаа само Алиреза Фирузја (една седмица помлад) и Веи Ји, кој оваа граница ја мина границата на 15 години.

Индискиот велемајстор имаше блескаво издание на последното издание на Европскиот клупски Куп во Струга и заврши како најдобар од сите 277 шахисти, иако пред стартот на турнирот беше рангиран на 42. место. Тој ги одигра сите седум партии, сите на првата табла, без пораз, со три реми и четири победи. 

На Светското првенство во Варшава, кое што се одржа минатата година, Гукеш одново имаше фантастичен настап и го подели петтото место со само половина поен помалку од шампионот Карлсен.