Несекојдневна ситуација и мала „криза“ за велемајсторот Магнус Карлсен

Велемајсторот Магнус Карлсен, иако повеќе не се бори за светската титула, и понатаму е еден од најдобрите шахисти на планетата. Норвежанецот годинава освои седум големи турнири, но сега се соочува со ситуација која долго време беше незамислива за него.

По настапот во „Глобал Чес Лиг“, Карлсен е на чекор од губење на статусот кој со години го имаше во брзиот шах. Неговиот рејтинг се приближува до границата од 2.800 поени, па за првпат во кариерата би можел да падне под неа.

Карлсен долго време беше апсолутен врв во „рапид“ конкуренцијата, поради што ваквиот пад би бил големо изненадување за него, но и за сите негови фанови. Турнирот во Глобал Чес Лиг се игра во брз формат, а резултатите на Норвежанецот директно влијаеја врз неговиот рејтинг.

Сепак, и покрај оваа ситуација, границата од 2.800 е бројка која за огромното мнозинство шахисти останува недостижна, што доволно говори за квалитетот на Карлсен. Само за потсетување, Норвежанецот е петкраен светски шампион во класичен шах.