Непомњашчим никако да најде рецепт за победа, Карлсен на поен до одбрана на титулата

Ниту во десеттата партија предизвикувачот Јан Непомњашчим не најде рецепт за победа против најдобриот на светот. Битката за титулата светски шампион во шах е пред самиот крај, затоа што Магнус Карлсен со денешното реми по 41 потег има водство од 6,5-3,5 и на само еден поен до одбрана на титулата.

Карлсен во ниту еден момент не дозволи противникот да влезе во предност и со систематски промени ја насочи играта кон изедначена завршница, па Непомњашчим одново мораше да се помири со поделбата на поенот.

Утре е слободен ден, а единаесеттата партија, во кој предизвикувачот ќе ја има предноста од почетниот потег ќе се игра во петок на десетти декември. 

До крајот на финалето преостануваат уште четири партии, а на најдобриот на светот му е потребен уште еден поен, за да ја потврди доминацијата во светскиот шах.