Најмладите ги покажаа своите шаховски способности на општинските првенства

Вчера во големата сала на Општина Кисела Вода, ученици од општинските основни училишта ги покажаа своите шаховски способности. На турнирот, на кој беа откриени нови таленти се натпреваруваа вкупно 46 деца, од кои 24 беа од петто, шесто и седмо одделение, а 22 играа во конкуренција на ученици од осмо и деветто одделение.

Ученикот Матеј Илиевски со максимални пет бода од пет дуели без досегашна шаховска едукација беше препознаен како нов талент, а по него своите спостобности за игра ги покажаа и Христијан Андоноски со 3,5 бода и Милан Сегер како претставник од поголемата група играчи со три бода, но поради тај-брејк правилата стигна до медал за третото место. Александар Стојчески и Стефан Дојчиновски, кои иако беа во конкуренција на играчи до петто одделение, во игра со повозрасните освоија вкупно по четири бода. За ова, тие беа наградени во својата старосна категорија, повторно подредени согласно тај брејк правилата.

Во категоријата на највозрасни ученици од осмо и деветто одделение, доминираше членот на ШК „Алкалоид“, Дино Табаковски, кој успеа да стигне до максимални пет бода од пет партии. Додека второто место го поделија Андреј Гроздановски и Бојан Цветковски со по четири бода, со што исто така се етаблираа како идни надежи во древната игра. Одличната игра на децата ја проследија велемајсторите Роландо Кутиров и Драгољуб Јаќимовиќ.

На крајот од натпреварувањата претседателот на сојузот за училишен спорт на Кисела Вода, Јовица Ефтовски и секретарот на Општината, Александар Алексовски на најуспешните им поделија медали и дипломи за постигнатиот успех.