Најџел Шорт доаѓа во Скопје на свеченоста по повод столетието на ФИДЕ

Шаховската федерација на Македонија ги повика сите талентирани шахисти, почетници и големи ентузијасти да учествуваат во најголемиот шаховски спектакл во земјава. В сабота, на 15 јуни во Градскиот парк во Скопје, на Школка, се одбележува стогодишниот јубилеј од постоењето на Светската шаховска организација (ФИДЕ).

Со симболично поставување на 100 шаховски табли и Македонија се приклучува во одбележувањето на овој вековен јубилеј. Секој посетител кој ќе дојде во Градски Парк на 15 јуни ќе има можност да изигра партија шах и биде дел од настанот кој ветува одлични партии шах, многу музика, подароци и забава. Дел од оваа шаховска сензација ќе бидат реномирани имиња од светот на шахот, со кои и децата и возрасните ќе можат да се сретнат на црно-белата табла.

Британскиот шаховски велемајстор и директор за развој на шахот на ФИДЕ, Најџел Шорт ќе допатува во Македонија и заедно со велемајсторите Антоанета Стефанова, Петар Арнаудов ќе се дружат и запознаат со нашите домашни шахисти и љубители на шахот.

Македонската шаховска федерација го организира одбележувањето на стогодишниот ФИДЕ јубилеј со поддршка од УНИ БАНКА, под мотото „100 години шах-вистинскиот потег е со УНИ банка”.

Шаховската Федерација на Македонија е членка на ФИДЕ од 1991 година. Федерацијата има организирано голем број на европски шаховски турнири, а минатата година ФИДЕ ни ја довери честа да го организираме Светското Екипно Првенство за Сениори над 50 и над 65 години.

Македонските шаховски репрезентации учествувале на сите Шаховски Олимпијади организирани под покровителство на ФИДЕ.