Македонските шаховски селекции во најсилен состав на ЕП во Будва

Голем спортски настан ги очекува најдобрите македонски шахисти. Македонските репрезентации во машка и женска конкуренција засилено се подготвуваат за претстојното Европско првенство во шах, кое од 11 до 20 ноември, ќе се одржи во црногорскиот град Будва. На Европското првенство ќе настапат 38 репрезентации во машка и 32 во женска конкуренција.

Боите на македонската репрезентација во машка конкуренција ќе ги бранат Филип Панчевски, Никола Николовски, Емил Ристески, Тони Лазов и Андреј Велјаноски, предводени од селекторот Атанас Кизов.

Селекторот на женската репрезентација Љубиша Андоновски во својот состав ќе ги има Моника Стојковска, Ивана Манова, Катерина Петровска, Сања Трајковска и Моника Жежовска.