• Горан Упале
По одличниот успех на Тони Лазов на Олимпијадата во Будимпешта, членот на Управниот одбор на Шаховската федерација на Македонија, Воислав Мерџаноски, селекторот на машката репрезентација Атанас Кизов и репрезентативците Тони Лазов и Ивана Манова беа на прием кај министерот за спорт Борко Ристовски.
Министерот ги поздрави резултатите на македонските шахисти, како и активностите на ШФМ и вети поддршка за истите.
„Македонските шахисти кои достојно ја претставија Македонија на Олимпијадата во Будимпешта денеска беа наши гости во министерството за спорт. Посебни честити за нашиот сребрен медалист Тони Лазов, кој постигна голем успех за македонскиот шах, и за Ивана Манова која освои титула ФИДЕ мајстор. Исто така честитки и за целата репрезентација на Македонија за одличниот настап во Будимпешта. Гордост и чест е да се поддржуваат вакви успеси кои ја подигнуваат нашата спортска култура и ги инспирираат нашите нови генерации“, велат од министерството за спорт.
Тони Лазов е најмладиот носител на шаховски олимписки медал во Македонија, а кариерата ја започнува во шаховските школи на ШК Алкалоид, активно играјќи шах од својата 10-годишна возраст.