Магнус Карлсен победи во Баден-Баден и опасно ја напаѓа границата од 2.900 поени

Светскиот првак во шах, Норвежанецот Магнус Карлсен победи на турнирот „Гренке“ во германскиот град Баден-Баден. По девет одиграни кола, Карлсен освои 7,5 поени, 1,5 поен повеќе од Американецот Фабиано Каруана кој заврши на второто место.

Победата на овој турнир добива на вредност, бидејќи е остварена против цела шаховска елита, без ниту еден пораз и со шест победи и три реми партии.

Со овој триумф Карлсен дојде на само седум поени од својот најдобар рејтинг, кој изнесува 2.882 поени, забележан во 2014 година. Норвешкиот гениј никогаш не бил поблиску до границата од 2.900 поени.

Гари Каспаров (2.856), Фабиано Каруана (2.851), и Ерменецот Левон Аронијан (2.835) се шахисти кои заедно со Карлсен оствариле највисок рејтинг во историјата на древната игра.