• Мартин Танасковски
Норвешкиот велемајстор Магнус Карлсен продолжува да испишува шаховска историја. Со најновото рангирање на Светската шаховска федерација (ФИДЕ), Карлсен официјално одбележа 15 последователни години како светски број еден на рејтинг-листата. Неговата доминација трае непрекинато од јули 2011 година, што претставува еден од најимпресивните рекорди во историјата на шахот.
Иако во текот на овие години неколкупати беше сериозно загрозен на врвот, Карлсен секогаш успеваше да ја задржи првата позиција. Еден од најкритичните моменти беше мечот за светската титула во 2018 година против Фабијано Каруана, кога секој пораз можеше да значи губење на лидерската позиција на светската листа. Сепак, Норвежанецот успеа да остане на врвот и да ја продолжи својата неверојатна серија.
Карлсен за првпат стана светски број еден на таканаречената „лајв“ рејтинг-листа во октомври 2008 година. Веќе во ноември 2009 година ја надмина границата од 2.800 рејтинг-поени, а оттогаш ниту еднаш не паднал под таа бројка – уште еден доказ за неговата извонредна константност.
Во јануари 2010 година за првпат се искачи на врвот на официјалната рејтинг-листа на ФИДЕ. Единствено индискиот велемајстор и поранешен светски шампион Вишванатан Ананд успеа накратко двапати да го симне од првото место, но неговото последно лидерство беше забележано во мај 2011 година.