Легендарниот руски велемајстор Владимир Крамник замина во пензија на 43 години!

Крамник

Шаховскиот велемајстор од Русија, Владимир Крамник, кој важи за еден од најдобрите играчи на светот, најави пензија на 43-годишна возраст.

Русинот се прослави на стартот од новиот милениум со победата над бранителот на светската титула на Светското првенство, Гари Каспаров. Моментално тој стои на седмата позиција на табелата на Интернационалната шаховска федерација, а ја носеше титулата светски шампион во 2006 година.

„Одлучив да ставам крај на мојата шаховска кариера пред неколку месеци, а сега, кога го одиграв мојот последен турнир, сакам тоа да го кажам пред целата јавност.

Животот како професионален шахист беше одлично искуство за мене и благодарен сум за тоа што шахот ми донесе во сите овие години. Понекогаш беше тешко, некогаш забавно и успешно, а постанува незаборавно искуство за мене. Можам да потврдам дека секогаш сум давал се од себе кога и да се појавев на шаховската табла.

Но, како што најавив во некои интервјуа претходно, еден ден посакувам да пробам нешто друго и кога чувствувам дека мотивацијата драстично ми падна во последните неколку месеци, мислам дека е вистински момент за оваа одлука. Би сакал повеќе да им се посветам на проектите кои ги започнав кои се однесуваат на запознавање и едукација на децата со шаховската игра. Наскоро ќе откријам подетални информации околу тоа.

Можеби ќе продолжам да играм „блиц“ турнири и други настани кои ќе помогнат во популаризација на шахот ширум светот“ , рече рускиот велемајстор.

Живата легенда на шахот ќе остане во сеќавање по непоразеноста во периодот од 2000-2008 година. Во 2013 година, Крамник одигра меч со сегашниот светски првак Магнус Карлсен од кого загуби и не успеа да се пласира на Светското првенство.