Карлсен прв фаворит за освојувањето на „London Chess Classic"

Светската спортска јавност денес е насочена кон ждрепката за групната фаза на Светското фудбалско првенство, кое идната година ќе се одржи во Русија, но денес започнува и најпрестижниот шаховски турнир, именуван како „London Chess Classic". 

Овој турнир, кој ќе заврши на 11 декември, традиционално веќе девет години се одржува на крајот од играчката сезона, во истиот учествуваат најдобрите десет шахисти во овој момент, а домаќин е конференцискиот центар „Олимпија“ во Лондон. Исто така, покрај спектакуларните мечеви меѓу велемајсторите, овој настан опфаќа и широк спектар на шаховски активности, вклучително и аматерски натпревари, како и изложби, тренинзи и предавања. 

Бранител на титулата е фантастичниот американски шахист, Весли Со, а најуспешен на овој турнир е легендарниот Магнус Карслен, кој исто така е прв фаворит оваа сезона. Покрај норвешкиот шахист, кој имаше турбулентна сезона, меѓу фаворитите се вбројуваат и Со, Аронијан, Накамура и Карјакин.

Првите мечеви се закажани денес од 15.00 часот, а претходни победници на  „London Chess Classic" се: Магнус Карлсен (2009, 2010, 2012 и 2015), Владимир Крамник (2011), Хикару Накамура (2013), Вишванатан Ананд (2014), Весли Со (2016).