Голем успех на шаховски Прилеп, единствен град со три прволигашки екипи

Новоформиранот шаховски клуб Пелагон е шампион во Втора македонска лига, а со тоа обезбеди пласман во елитата во македонскиот шах. Влезот во Првата лига ШК Пелагон го обезбеди на турнирот кој се одржа од 21-24 јули во Охрид.

Со овој успех на Пелагон, Прилеп потврдува дека е еден од најшаховските градови во Македонија, затоа што е единствен со три прволигашки екипи, две во машка конкуренција (Прилеп и Пелагон) и еден во женска конкуренција (ЖШК Прилеп).

 „Ова е огромен успех на шахот во Прилеп посебно ако се знае дека оваа година индискиот велемајстор Гукеш член на ШК Прилеп го освои златниот медал на Купот на Европски шампиони и ако има само 16 години е во најдобрите играчи во светот. Годинава започна и шаховската школа за почетници водена од нашата шахистка Јустина Дутка и школата за напредни деца предводена од велемајсторот Звонко Станојоски. Во план е и отворање на прва школа за возрасни шахисти во Македонија со што значително би се зголемила концентрацијата на квалитетни играчи во градот. За овој успех голема помош имаше и самиот тренажен процес и големиот број на турнири кои ги организираме во Прилеп со што се зголеми квалитетот на играта на нашите шахисти што се покажа пресудно на екипното првенство во Охрид. Со овој успех на Пелагон, Прилеп единствен град кој има два прволигаши во машка и еден во женска конкуренција“, ни изјави претседателот на трите прилепски екипи Тони Кироски.

Во плеј-офот во Втората лига, Пелагон беше поуспешен од трите поранешни скопски прволигашки, Шкупи, Центар и Карпош. 

  • За екипата на ШК Пелагон настапија:

ИМ Драшко Бошковиќ 5 поени од 6 партии
ИМ Младен Миленковиќ     4,5 поени од 5 партии
ИМ Горан Арсовиќ 6,5 поени од 7 партии
Дејан Ѓорѓиески 5 поени од 7 партии
Горан Готовуша 4 поени од 6 партии
Марјан Дамчески 4,5 поени од 5 партии
Мартин Николовски 5 поени од 6 партии